На 17 јуни дознавме дека за македонската влада, придружувањето кон Западот го оправдува додавањето на префиксот Северна. Меѓутоа, преименувањето на државата ќе зависи и од нас, македонските граѓани, бидејќи истото е условено со референдум. Дали нашето уставно име ни е поважно од бенефитите од членство во НАТО и ЕУ? Невозможно е со сигурност да се каже каков ќе биде исходот од референдумот. Но, ако нешто е јасно, тоа е дека задржувањето на префиксот „Северна“ зависи од нашата способност како граѓани да се заштитиме од Русија и од нејзините тактики на дезинформирање.
По ратификацијата на Договорот од Преспа од страна на македонскиот парламент, Грција вети повеќе да не го употребува своето право на вето во ЕУ и НАТО. Тоа значи дека вклучувањето на Македонија во Западниот сојуз е повторно на хоризонтот.
Сепак, овој развој на настаните е во спротивност со тоа како Москва го замислува Балканот. Кремљ јасно укажа дека сака да ги задржи Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија „како појас од воено неутрални земји.’’ Откако укажа на тоа, минатата година Црна Гора стана 29-та членка на НАТО, па така, очите на Москва сега се свртени кон нас, како најсериозниот кандидат да станеме 30-тата држава што ќе му се придружи на воениот сојуз.
Во последните неколку години, Русија во Македонија формираше преку 30 руско-македонски културни здруженија и го зголеми својот персонал во амбасадата за 25 проценти. Дополнително, Русија финансира локални медиуми, се обидува да влијае на владини министри, и им се додворува на русофилски партии и застапници на Кремљ.
Проруските тези често навлегуваат во македонскиот информативен простор преку извори како Агенцијата за вести Спутник и ТАС, чии содржини редовно се преобјавуваат во дел од македонските медиуми. Ова веројатно ќе се зголеми дополнително сега откако унгарски медиумски компании поддржани од Виктор Орбан презедоа неколку десничарски веб-портали и ТВ-станици. Овие преземања изгледаат како обид на Орбан да го зацврсти своето братство на десничарски популисти со тоа што ќе им помогне да практикуваат „тип на комуникација која го следи стилот на руската пропаганда.’’
Овој стил се потпира на веќе испробаната тактика на Москва за користење „регионални стереотипи, етнички тензии и неразрешени спорови.’’ Доволно е да се присетиме на неодамнешната политичка криза во Македонија кога, на пример, Руското министерство за надворешни работи тврдеше дека ЕУ и НАТО поддржуваат „Голема Албанија“ во регионот. Западот, инсистираше Москва, „грубо се меша’’ во внатрешните работи на Македонија, присилувајќи ги македонските политички лидери да прифатат договор создаден од политичарите во Албанија. ВМРО-ДПМНЕ ја повторуваше оваа реторика, со тоа охрабрувајќи ги нивните поддржувачи да влезат во парламентот и да ги испратат противничките пратеници на интензивна нега. За Русија, овие членови на парламентот беа пиони на Западот, кој всушност ја преиначуваше „војлата на граѓаните“ за да се отстрани од власт легитимната влада [водена од ВМРО-ДПМНЕ].”
Главно, Москва се труди да протурка слика на себеси како благонаклон партнер и заштитник на сувереноста и православното христијанство—антитеза на Западот што ,,цело време се меша таму кај што не му е местото.’’ Настојувањата на Русија да предизвика конфузија и разочараност од Западот со поттикнување на ултранационалистички и нативистички чувства веројатно ќе се зголемат како што ќе се приближуваме до референдумот за името.
За да се спречи обидот на Црна Гора да му се придружи на НАТО, постојат докази дека руските агенти отишле до таму да оркестрираат државен удар. Прашањето е до каде ќе оди Русија за да го спречи приемот на Македонија во НАТО? Дали, на пример, ќе ја користи—како што се чини дека направи со Брегзит и со претседателските избори во САД—нивната софистицирана машинерија на ботови и тролови за ширење дезинформации? Ќе оди ли и подалеку—како што направи во Украина преку NotPetya нападот со рансомвер—и ќе се обиде ли да ги ослаби системите на критичната инфраструктура на Македонија?
Би можела. Според скорешни студии, македонските граѓани се неверојатно подложни на лажни вести. Дополнително, сајбер-просторот на Македонија е слаб и ранлив на сајбер напади. Досега, сепак, не постојат цврсти докази што би укажале на злонамерни сајбер-активности на Москва во Македонија. Политичкото мешање на Русија, како што е опишано погоре, силно се потпира на постандардни методи—засилување на огнот на етно-национализмот на Балканот преку финансирање медиуми и поддржување русофили.
Во моментов, еден од де-факто лидерите на тековните протести против промената на името е лидерот на Единствена Македонија, русофилска партија која се залага за преориентација на Македонија кон Евроазиската економска унија. Во текот на протестите во неделата по потпишувањето на договорот, видовме како овој лидер се искачи на полициско возило, веејќи го старото македонско знаме и знамето на Претседателот на Русија.
Само неколку часа порано, македонската и грчката влада го потпишаа договорот опкружени со знамињата на Македонија и на ЕУ. Времето ќе покаже чии знамиња триумфално ќе се веат на денот на референдумот.