Десничарска автоматизирана пропаганда и нејзиното влијание на политичкиот дискурс во Северна Македонија
February 9, 2021
Истражување на Твитер профили во периодот пред изборите во 2020 покажува како автоматизирани профили кои што промовираат анти-западни содржини ги обликувале политичките дискусии во овој период.
Процесот на парламентарните избори во 2020 година се одвиваше под невообичаени околности. Првично закажани за Април 2020 година, набргу откако Северна Македонија не доби зелено светло за почеток на преговори со ЕУ, но успешно стана НАТО членка, поради пандемијата, изборите беа одложени за во Јули 2020 година.
За време на овој долг предизборен период, политичките елити на граѓаните им презентираа две можни иднини: продолжување на Евро-Атлантските интеграции, но со компромиси околу националниот идентитет, предводена од коалицијата на СДСМ, или зачувување на традиционалните вредности и враќање на името Република Македонија, предводена од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Со ваква позадина и со се уште свежите сеќавања на референдумот од 2018 година, изборите во 2020 година претставуваа значаен политички настан кој што ги отсликуваше постоечките поделби во државата.
Истражувањето подржано од Прашкиот институт за безбедносни истражувања имаше за цел да утврди дали домашни или меѓународни актери ја искористиле оваа поларизирана средина употребувајќи автоматизирани методи за пропаганда на Твитер.
Потребата за вакво истражување произлезе од настаните поврзани со референдумот за промена на името во 2018 година. Истражување спроведено од страна на Истражувачката лабораторија на центарот за дигитална форензика, покажа дека во тоа време, автоматизирани профили на Твитер значајно влијаеле на дискусиите за референдумот преку кампањата „Бојкотирам“, со цел да го дискредитираат референдумот.
За да провериме дали мрежа со слични цели влијаела на дискусиите за време на периодот околу изборите во 2020 година, ги следевме сите replies и спомнувања на Твитер профилите на 26 политички личности и медиуми/медиумски личности, во периодот помеѓу Февруари и Август 2020 година. Собраните податоци содржат 51.969 твитови од 5.646 профили.
Истражувањето комбинираше постоечки пристапи за идентификација на мрежи на автоматизирани профили, вклучувајќи: барање на профили со натпросечна активност, голем број на нови профили активирани во краток период и голем број на профили со слични имиња.
Со овие пристапи пронајдовме мрежа на корисници со слични карактеристики, од кои голем број биле креирани во краток период пред изборите. Многу од овие профили се фокусираат на политички напади на СДСМ и западни политичари или амплификација на твитовите од ВМРО-ДПМНЕ и Левица, како и противење на новото име и Евро-Атлантските интеграции на Македонија.
Сиже на резултатите
Добар пример на профил кој е дел од оваа мрежа е профилот со корисничко име @burdush_gv, кој што во периодот во кој се вршеше истражувањето, 801 пат имал интеракција со 26-те политички личности и медиуми/медиумски личности. Активиран во 2013 година, овој профил има 180.900 објави, во просек 55 објави дневно. Оваа висока стапка на активност сугерира дека профилот е барем делумно автоматизиран.
Најголем дел од објавите на овој профил ги промовираат ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, ги критикуваат СДСМ и промовираат анти-западни ставови, како и теории на заговор. Дел од другите најактивни профили во идентификуваната мрежа истовремено се и дел од најактивните профили во движењето „Бојкотирам“.
Вакви профили, со нивните многубројни објави, всушност ја диктирале агендата на политичките дискусии на Твитер за време на предизборниот период, додека безмалку ниту еден од најактивните профили не ги поддржувал СДСМ ниту пак изразувал поддршка за името Република Северна Македонија.
Истражувајќи ги датите на активирање на профилите кои што комуницирале со профилите од листата политички личности и медиуми/медиумски личности, утврдивме дека најголем дел од нив биле активирани во трите месеци пред првичниот изборен датум во Април 2020 година, кога биле активирани скоро 500 нови профили.
За споредба, бројот на нови профили активирани во секој квартал за време на последните 10 години бил значително помал (Графикон 1). Бидејќи нема причина да се претпостави дека бројот на политички активни профили на Твитер се зголемил природно во предизборниот период, заклучивме дека голем број на овие профили биле активирани за цели поврзани со изборите.
Графикон 1. Датуми на активирање на сите профили кои што комуницираат со профилите на политички личности и медиуми/медиумски личности (квартална распределба)
За да провериме дали овој раст на нови профили е природен, односно дали истиот е резултат на автоматизирана пропаганда, користевме сознанија од претходни истражувања кои покажуваат дека креирањето на голем број на профили во краток временски период бара определена автоматизација на процесот, вклучувајќи и во креирање на имињата на профилите.
Поаѓајќи од оваа сознание, проверувавме дали има голем број на профили со слични имиња, како индикација за група на профили контролирани од еден извор. Преглед на корисничките имиња покажа постоење на две вакви групи на имиња. Првата група е карактеризирана од долги произволни имиња кои што содржат барем една бројка (како на пример o8zOS0lCcThHno0), додека другата група се базира на генерички имиња на кои се додадени осум произволни бројки (како на пример Makedon27584769).
Притоа пронајдовме 808 профили кои што припаѓаат во една од овие две групи. Најголем дел од овие профили биле активирани во три-месечниот период пред првичниот изборен датум, претставувајќи нешто повеќе од една третина од 500-те профили активирани во овој период. Ваквите профили вообичаено содржат многу малку информации за вистинскиот идентитет на корисникот, додека профилните слики и bios-от претставуваат политичка содржина (слика 1).
Слика 1. Профилот на @mpp2mLJTRMmAZ3V – профил кој што е дел од мрежата „Бојкотирам“ со висока стапка на активност и карактеристики слични на голем број од профилите идентификувани во оваа истражување.
Овие профили воглавно се претставуваат како симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и движењето „Бојкотирам“, притоа спротиставувајќи се на референдумот за промена на името и Евро-Атлантските интеграции на Северна Македонија. Овие профили често споделуваат твитови првично објавени од најактивните профили идентификувани во оваа истражување (на пример @burdush_gv), како и од профилот @aps_aana и hashtag-от „Апсаана“, кои се продолжена манифестација на движењето „Бојкотирам“. Слика 2 покажува групен чет за пропаганден материјал на Телеграм воден од овој профил.
Слика 2 – Групен чет на Телеграм за пропаганден материјал воден од профилот @aps_aana.
Заклучно, наодите од оваа истражување покажуваат дека голем број на профилите кои што комуницираат со политичките и медиски портали/личности биле активирани во периодот пред првичниот изборен датум во Април 2020 година. Голем број од овие профили користат корисничко име кое што одговара на една од двете групи на кориснички имиња кои често се појавуваат во истражувањето, што посочува дека се работи за автоматски создадени профили. Нивната активност е фокусирана на анти-западна и анти-СДСМ реторика, како и амплификација на објави од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Овие наоди укажуваат дека многу од овие профили припаѓаат на мрежа со јасна идеолошка определба и автоматизиран пристап кон споделување на нивната содржина. Иако мрежата е најверојатно раководена од домашни актери, истражувањето укажува дека постоење на ваква мрежа симпатизери на анти-западна пропаганда, надоградена со технички познавања за развој на автоматизирани мрежи, создава услови за евентуални странски пропагандни кампањи без значајни бариери и трошоци.
Со продолжената несигурност околу Евро-Атлантските интеграции на Северна Македонија, моментално попречени од Бугарија, автоматизирани пропагандни пристапи ќе продолжат да претставуваат закана за земјата и регионот.